Обуки за отпад

Недостасува квалитетна обука за постапување и управување со отпад, па луѓето одговорни за оваа проблематика во претпријатијата се оставени сами на себе да го читаат и толкуваат законот- се согласија учесниците на првата од серијата обуки што ќе се одржуваат во рамките на Академијата за управување со отпад. Казните се големи како за правните така и за физичките лица кои неправилно постапуваат и управуваат со отпадот, но ние не сме моќни сами да се справиме со проблемот, како поради финансии така и поради недостаток на стручно познавање на областа- изјавија тие.

Секое правно односно физичко лице кое во вршењето на својата дејност во текот на една календарска година создава повеќе од 200 килограми опасен отпад и/или повеќе од 150 тони неопасен отпад е должно да изготви и да реализира Програма за управување со отпад и да назначи управител со отпадот. Управителот со отпад треба да поседува сертификат за стручна оспособеност и уверение за положен стручен испит за вршење на работите за управување и/или постапување со отпад.

Со цел да придонесе кон унапредување на знаењето на физичките и правните лица за да осигури одржливи решенија за намалување и правилно постапување со отпадот, Академијата за управување со отпад започна со организирање на обуки кои ќе им овозможат на слушателите успешно полагање на стручниот испит за управување и/или постапување со отпад, но во исто време и искуство за спроведување на стекнатото знаење во пракса.

Академијата е проект на Друштвото за консалтинг, тренинг и услуги ЕВОЛВИНГ ДОО Скопје и Машинскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј од Скопје. Обуките се организираат два пати неделно, во просториите на Машински факултет, со вкупно времетраење од 50 часа.

Предавањата се конципирани така да им овозможат на слушателите да се стекнат со знаења за законските и подзаконските акти за управување и постапување со отпад, директивите на Европската унија, видовите на отпад, прописите и правилата за управување и постапување со различните текови на отпад, како и да понудат практични примери на управување и постапување со отпад.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.